Директорот на Колекторскиот систем, Ваид Ајро, денеска пред медимите укажа дека ваквата ситуација трае веќе 60 дена, што е алармантно, оттаму што таква појава е дозволена најмногу до 15 дена во годината, што значи дека само во двата изминати месеци од оваа година во езерото завршиле непречистени води колку за изминатите четири години.
–Системот за пречистување не само што е излезен од функција заради покачениот водостој на Охридското Езеро, намерно или ненамерно тоа ќе се покаже, туку бевме приморани три пати да ја исклучиме целосно пречистителната станица во Враништа поради надојдените води од реката Дрим. Тоа не смее да се прави во никој случај бидејќи се пореметува системот за биолошко пречистување на отпадните води, процес за чие повторно обновување е потребен мошне долг временски период, така што пречистителната станица во моментов работи само со 30 отсто од капацитетот, рече Ајро, кој предупреди дека доколку и натаму продолжи индиферентниот однос на државата кон Охридското Езеро се доведува во прашање функционалноста на овој скап инфраструктурен проект.
На прес конференцијата што по повод алармантната состојба состојба со Охридското Езеро, се одржа денеска, беше посочено дека локалните самоуправи на Охрид и Струга и МЈП „Проаква“ четири години наназад предупредуваат на проблемите со кои се соочува Колекторскиот систем, а последниот повик до надлежните државни инстутиции бил упатен неодамна преку допис до Владата од 19 февруари.
-Ова е сериозен проблем. Ние немаме начин како да алармираме за проблемот освен вака преку медиумите. Државата треба најсериозно да ги разбере нашите пораки, за да се седне на маса и да се најде долгорочно решение за проблемот со колекторот, рече Петрески.
Тој појасни дека во насока на решавање на проблемот е изградба на нова пречистителна станица со зголемен капацитет, осовременување на целиот систем, набавка на нови пумпи за зголемување на капацитетот, како и преземање на дел од одговорноста за трошоците за тековно функционирање и одржување на Колекторскиот систем од страна на државата.
Локалните самоуправи на Охрид и Струга со забелешка на начинот на кој што централната власт се однесува кон Охридското Езеро како национално богатство заштитено со закон. Директорот на МЈП „Проаква“ Бранислав Трпчески, потсети на еколошката катастрофа со Дојранското Езеро кога државата презеде активности за негова ревитализација и заштита, таков е случајот со Преспанското Езеро и побара државата да нема дискриминаторски однос кон Охридското Езеро, односно сите државни ресурси да се вклучат во заштита на овој природен бисер.
Независно што овој апел доаѓа во време кога привршуваат подготовките за претстојната летна туристичка сезона, сепак мора да се води сметка дека евентуално неповолните економски последици мора да бидат во втор план кога е во прашање заштита на екосистемот на Охридското Езеро, за што треба да се мобилизират сите расположливи ресурси на сите нивоа.