На порибувањето присуствуваа министрите за заштита на животната средина на Македонија и Албанија, Неџати Јакупи и Фатмир Медиу, кои денеска во Охрид имаа работна средба на која присуствуваа и претставници на Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро од двете земји.
– Денешното заедничко порибување на Охридското Езеро има за цел на симболичен начин да ја покаже подготвеноста на двете земји за заштита на рибниот фонд, и во тој правец добив уверување од мојот колега дека Албанија ќе преземе конкретни мерки за справување со рибокрадството, изјави македонскиот министер за животна средина, Неџати Јакупи. Двајцата министри се согласија дека рибокрадството е и социјален проблем кој двете земји треба да го решаваат низ директни разговори со локалното население и обезбедување егзистенција на поранешните рибари. Само на тој начин мерките за заштита на рибниот фонд ќе имаат ефект, сметаат двајцата министри.
Албанскиот министер, Медиу, истакна дека Албанија ќе ги усогласи мерките за заштита со Македонија, и ќе ја разгледа можноста за прогласување мораториум за риболов на своја територија.
– Во Албанија има проблеми со заштита на рибниот фонд, додека во Македонија ова прашање е повеќе сензибилизирано. Ќе воведеме построги мерки на заштита на рибниот фонд и повеќе нема да се толерира незаконскиот риболов, рече Медиу.
Оваа година Охридското Езеро ќе биде порибено со 1,6 милиони парчиња подмладок охридска пастрмка добиен и одгледан од годинешниот вештачки мрест во Хидробиолошкиот завод во Охрид, што е за 300 000 повеќе од лани. Во мрестилиштето Шум во Струга оваа година се одгледани 300 000 млади пастрмки, а уште половина милион обезбеди мрестилиштетот Лин во Албанија.