И покрај врнежите што ја зафатија земјава, нема поголеми промени во нивоата на Охридското и Преспанското Езеро, кои и натаму се под месечниот просек.
Според утринските мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, Охридското Езеро се наоѓа на кота 693,15 метри надморска височина, што е пет сантиметри над дозволениот природен минимум, но е 23 сантиметри под просекот за јануари (693,38 м.н.в.).
Во текот на ноќта се очекува нов бран врнежи да ја зафати земјава. УХМР најавува пообилни врнежи во западните делови, каде се прогнозира дека е можно да наврнат и над 30 литри на метар квадратен дожд.
УХМР најавува и зголемување на водостоите не реките, поради што апелира на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците, особено покрај оние во западните делови од државата.
Значително висок ќе биде водостојот на р.Радика и р.Сатеска во чии сливови можни се локални излевања. Посочуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците посебно во овие сливни подрачја, како и на останатите во западните делови од земјата. – предупредува УХМР.
Водостоите на реките во изминатиов период полека се враќаат на просечните вредности за овој период од годината, но новите количини дожд се очекува значително да го зголемат водостојот пред се на реките во западниот дел од земјата.
Се очекува будење и реакција на сите водотеци во земјава, но сепак најголемото зголемување на водостојот се очекува на реките од крајните западни делови од земјата. Тоа што врнежите на планините ќе бидат во вид на снег претставува позитивна околност и ќе придонесе за намален доток на вода во реките, наведува УХМР.
OhridNews