По обилните врнежи, нивото на Охридското Езеро во последното деноноќие се зголеми за еден сантиметар и се наоѓа на 694,01 м.надморска височина, што е 26 сантиметри повеќе од максималната граница.

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека екипи на Дирекцијата за заштита и спасување се на теренот долж охридското крајбрежје и ги чистат каналите и речните корита на повеќе потези. Исчистено е коритото на Даљанска река, а се продолжува со чистењето на коритото на Коселска река, Сатеска река и делот од реката Црн Дрим, наречен Мал Дрим.

Исто така, продолжуваат активностите за заштита на колекторскиот систем, веќе е завршена заштитата на пумпните станици и се работи на заштита на цевководот.

Кај месноста Луково, кај патниот правец Струга – Дебар во текот на
денешниот ден се очекува во целост да завршат активностите за уредување
на коритото на реката Црн Дрим односно поставувањето на земјен насип во
должина од 350 метри, висина од 5 метри и широчина од 7 метри.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, до крајот на денешниот ден ќе се задржи променливо облачно време со повремени слаби врнежи од дожд и снег во пониските места, а на повисоките места слаб снег, особено во западните делови. За утре се прогнозира променливо облачно време со сончеви периоди и услови за слаби локални врнежи од дожд во северните делови од земјата.

OhridNews