Првата тура подмладок на јагула, од вкупно 1400 килограми, денеска пристигна во мрестилиштето Шум во Струга. Таму тие  ќе минат еден месец во карантин, период во кој ќе бидат извршени патолошки, бактериолочки и други контроли, по што ќе биде извршено порибување на Охридското Езеро со јагула.



Од 1970 година со изградба на хидроцентралите „Глобочица и „Шпилје“ на реката Црн Дрим, прекинат е природниот пат на јагулата која се мрестеше во Сарагасовото море и Мексиканскиот залив, каде е пловилиштето на европската јагула. Оттогаш наваму Охридското Езеро вештачки се порибува со јагула, а подмладокот го обезбедува ЕСМ, односно по приватизацијата ЕЛЕМ. Во изминатите две години Охридското Езеро не се порибуваше со јагула, поради што годинава е удвоена количината на млади единки кои преку тендер се обезбедени од затворено мрестилиште во Грција.



Охридското Езеро е единствена отворена водена површина во Европа која се порибува со јагула на ваков начин, во Европа, ни изјави Димитар Талески од Институтот за сточарство во Струга. Тој вели дека состојбата со рибниот фонд на јагула во Охридското Езеро е задоволувачка, иако во последните неколку години намален е изловот на јагула кој достигнувал и до 16 тони. Според него причина за тоа е намалениот водостој на Охридското Езеро и нелегалниот излов на риба.


подмладокот на јагула пристигна во мрестилиштето Шум

Г. Момироски