Во акција на Единицата за брзо распоредување при одделот за посебни единици на МВР изминативе денови во Охридското Езеро пронајдени биле и одземени 171 рибарска мрежа со просечна должина од 50 до 100 метри или вкупно преку 13 километри. Покрај мрежите пронајдени се уште 14 килограми риба и прибор за риболов. Само во последниот случај, завчера во атарот на село Калишта беа пронајдени 61 рибарска мрежа, 9 жили со 60 блинкери.

Пред пет дена и од страна на езерската полиција во два одвоени случаи на оддалеченост од 500 метри и еден километар од водната граница со Р. Албанија во Охридското Езеро беа пронајдени 42 мрежи со улов од 33 парчиња риба – пастрмка и 22 парчиња белвица.

Од почетокот на годинава припадниците на Полициската станица за обезбедување на државната граница „Езерска контрола“ пронајдоа и одзедоа околу 600 рибарски мрежи со вкупна должина од околу 50 километри. Покрај мрежите запленети се и 144 жили со 720 блинкери, а пронајдени се и околу 140 килограми разни видови риби. Во првите неполни девет месеци, против 6 лица се поднесени 4 кривични пријави поради основано сомнение дека сториле кривично дело „Незаконит риболов“, додека против едно лице е поднесена прекршочна пријава по Законот за рибарство и аквакултура.

Сите досега пронајдени и запленети риболовни средства се донесени во просториите на езерската полиција и штом ќе дозволат временските услови ќе отпочне натамошната постапка на нивно уништување. Пронајдената риба, согласно решенијата на Основниот суд Охрид е предадена на АД „Инекс-Горица“. Дел од уловената риба, поточно 31 парче, која беше маркирана со видни белези и вградени чипови, а потекнувала од вештачкиот мрест на Научната установа Хидробиолошки завод – Охрид, по нивно барање им е вратена назад и предадена за нивно натамошно испитување, соопшти полицијата.

Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи да посветува големо внимание на незаконитиот риболов во Охридското езеро и најостро ќе ги санкционира прекршителите на законот, најави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Ohridnews