Десетчленото охридско семејството Демо кое живее во трошна барака од 45 метри квадратни на улицата „Кленоец“ непосредно до булеварот „Железничка“ треба да го напушти објектот, бидејќи според надлежните институции не ги исполнува условите за користење на стан.

Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор на 8-ми октомври доставило опомена за иселување, во која на семејставото Демо кое има 8 малолетни деца на возраст од 18 месеци до 16 години, му дава рок од осум дена за иселување. Во истиот рок семејството треба да плати и закупнина за користење на просторот во износ од околу 158.000 денари.

Главата на фамилијата, 39-годишниот Илбер Демо вели дека нема каде да оди со семејството и бара надлежните институции да ја преиспитаат својата одлука. Објаснува дека бараката порану му припаѓала на негов тетин и дека тој се обратил до институциите да му биде овозможено станарско право, на што добил негативен одговор.

-Седам овде 15 години, а добив рок од 8 дена да се иселам. Имам осум деца и сопруга, каде да одам јас сега во ова зимско време. Не знам што да правам. Молам институциите да ми помогнат бидејќи не знам што да правам и каде да одам со моите 6.700 денари социјална помош, вели Демо.

Тој вели дека три од неговите осум деца се болни и имаат потреба од постојана лекарска помош и дека секој третман го плаќа. Нема работа, иако како што вели постојано бара во Агенцијата за вработување. Некаков приход обезбедува од собирање пластични шишиња со децата, за да им овозможи да се школуваат.

-Се трудам да ги образовам моите деца, не сакам да останат на улица, туку да бидат како сите други нормални деца. Повеќе од една година немаме електрична енегрија која ни е исклучена, па децата ми учат на свеќи,раскажува со солзи во очите таткото Илбер.

Од АД за стопанисување со станбен и деловен простор информираат дека семејството Демо во бараката бр. 7 живее на диво и не поседува никакви документи врз основа на кои може да остварува станарско право. Оттаму додаваат дека во бараката нема услови за живот и дека сите бараки на овој потег ќе се урнат и на нивно место ќе се гради станбено деловен комплекс.

Надлежните објаснуваат дека семејствата кои поседуваат уредни документи веќе оствариле право на стан во социјалните згради изградени во Охрид или ќе добијат соодветен стан по уривањето на бараките, но барањето за решавање на станбеното прашање на семејството Демо било одбиено како неосновано бидејќи истото незаконски ја користи бараката на улицата „Кленоец“. За помош ги упатуваат на Центарот за социјална работа, со цел да биде изнмајдено соодветно решение, односно да им се помогне да не останат на улица.

Горан Момироски