Пожарникарите во охридско, струшко и преспанско мака мачат со пожарите кои станаа секојдневие. Од нова година до денес само охридската противпожарна служба има над 200 интервенции, што е двојно повеќе во споредба со истиот период минатата година. Најголемиот број од нив се случуваат во викендите и тоа не е случајно велат пожарникарите.

Во Преспа вчера изгореа околу 300 хектари шума, трска и ниска вегетација, дел во НП Галичица, а загрозен е и паркот Езерани кој го населуваат ретки птици. Во Охрид невнимателен земјоделец запали две куќи, а уште две изгореа во струшко Октиси, заедно со неколку хектари шума. Во Дебрца огнот проголта електричен столб и голем приватен имот. Трската покрај Охридското Езеро непрекинато гори повеќе од еден месец. Најчесто пожарите настануваат од палење стрништа на отворено, но поради сушата и ветрот тие брзо и неконтролирано се шират, а предизвикувачите без да пријават бегаат. Штетите се огромни.

Палејќи трева во општина Дебца имавме случај кога сопственкот си ја уништи сопствената куќа и плевна, во Ливоишта комшијата му ја запали куќата на соседот, во Струга комшијата ја палел нивата, запалил три плевни на соседот сточар. – вели Спасе Прентоски, командир на Територијалната противпожарна единица Охрид.

Казните за предизвикување пожари се големи, но не се изрекуваат. Надлежните институции целосно потфрлија, недостигаат инспектори за пожар, не се преземаат ниту превентинвни ниту репресивни мерки, што ги охрабрува неодговорните граѓани, истакнува Прентоски.

Доста има пиромани коишто не гледаат, а ги имаме такви случаи кои се посочени на институциите, но до ден денес никој нема преземено мерки некој да биде казнет, за жал. Треба некој некаде, не мора во општина Охрид, во Македонија да преземе одговорност, како што може во сообраќајот, така и во овој случај, да биде изгорен по џебот или да оди во затвор за пример, ако сакаме да ги немаме овие проблеми понатаму. – додава Прентоски.

Со застарен возен парк, од кој дел во служба е над 45 години и недоволен број квалитетно обучен кадар, противпожарните служби се ставени на раб на издржливост. Благодарение на големата одговорност и натчовечки напори што ги вложуваат успеваат да спасат што може да се спаси. Но, трендовите се лоши, а периодот на топло време допрва доаѓа. Доколку нешто итно не се преземе последиците можат да бидат катастрофални.

Г.Момироски