Свеченето отварање, како што е познато, е на 12 јули со музичкиот спектакл „Беше еднаш во Македонија“ со кој ќе диригира оскаровецот Енио Мориконе. Во текот на четириесетте фестивалски денови публиката на летните сцени во Охрид ќе има можност да види плејада врвни музичари. На Охридско лето за прв пат ќе настапат големите класични музичари Брезовски, Георгиу, Мидори и Лесковар , како и нови музички имиња кои се актуелни на светската сцена во моментов. На 4 август во Античкиот театар ќе настапи најголемата светска акапела атракција, култниот вокален состав “The Swingle Singers“, а во рамки на офф програмата на 25 јули во Охрид ќе го видиме големиот џез музичар Џорџ Бенсон. Фестивалот ќе го затвори Обединетиот европски камерен оркестар. На Охридско лето ќе видиме и голем број домашни уметници како Елена Мисиркова, Македонската филхармонија, Камерниот мешан хор „Св. Климент Охридски“ – Македонија, во класичниот дел, како и Драган Даутовски, Каролина, Јован Јованов во рамки на офф програма.
Извонредни доживувања нуди и театарскиот дел каде ќе видиме десетина врвни претстави, од кои половина се домашни. Драмскиот театар од Скопје ќе ја изведе претставата „Александар“ во режија на Љубиша Георгиевски“, МНТ ќе ја изведе претставата „Троил и Кресида“ во режија на Љубиша Ристиќ, прилепскиот тетар „Војдан Чернодрински ќе се претстави со „Крпен живот“ во адаптација на Владо Цветаноски, Албанскиот театар од Скопје ќе ја изведе претставата „Генерал на Мртвата војска“ во режија на Дино Мустафиќ, а тетарската програма завршува со Битолскиот театар кој ќе ја изведе претставата „Браќа Карамазови“ во режија на Дејан Пројковски.