Владимир Четкар, викендов во рамки на фестивалот „Охридско лето“ одржа концерт на кој настапи со својот бенд. Пред преполниот Антички театар, Четкар и неговите колеги музицираа на празна бина без никаква позадина. Четкар и момците од бендот го занемарија овој очигледен организациски пропуст и професионално го одработија својот концерт. Извонредно комуницираа со публиката, а настапот го завршија со бис.


Но, што е со организаторот, фестивалот „Охридско лето“? Без да навлеземе  во деталите од договорот за настапот на Владимир Четкар кварететот на педесетото јубилејно издание на манифестацијата, повеќе од очигледно е дека е направен сериозен пропуст. Да се остави џез-фанк бенд да свири на голи штици без бина и пратечки ефекти е првокласен гаф. Фестивал со високо реноме не смее да дозволи вакви пропусти.

Четкар е охридски и македонски бисер, еден од ретките музичари кои со успех настапуваат во светот и ниту тој, ниту било кој друг повеќе или помалку познат македонски уметник заслужува однос како саботниот кон Влатко. Со тоа фестивалот праќа лоша порака до домашните уметници, до толку повеќе ако се има предвид  фактот дека за настапите на големите музички ѕвезди од странство фестивалот троши огромни средства, до најситен детаљ ги задоволува нивните барања, а за сцената и другите вообичаени елементи и да не зборуваме. Тогаш каде е проблемот со домашните уметници, или тие се наши, па за нив не мора да се обезбедува ништо. Што е Симон Трпчески помал уметник од било кое ѕвездено име на фестивалот во негов ранг, или Четкар во случајов? Ништо! Но, тоа што нашите врвни уметници се големи луѓе и патриоти и ги занемаруваат ваквите и слични непријатности никому не му дава право да си поигрува со нивната репутација и достоинство. Најмалку тоа му прилега на фестивал  од рангот на „Охридско лето“.

Горан Момироски