Фестивалот Охридско лето има долг од 3.2 милиони денари, или околу 52.000 евра. Долговите како што информираат од дирекцијата на фестивалот се однесуваат на неплатени фактури за сместување на гости, кон Авалон продукција за настапот на „Леб и сол“ на Античкиот треатар и неисплатени хонорари на странски уметници како што е Лила Јосифович.
На четири месеци до отворањето на 47 Охридско лето, фестивалот е без Управен одбор, нема утврдена програма, а поради неплатени сметки управната зграда е без вода и со опомени пред исклучување на струјата, фиксната и мобилна телефонија и интернетот. Информациите ги потврдува новиот директор на фестивалот м-р Тони Симиноски, кој вели дека со доаѓањето на функцијата не затекнал никакви документи или проект за фестивалската програма.
Симоноски вели дека за подготовка на фестивалот има малку време, ( најкус рок за подготовка во историјата на Охридско лето) но е оптимист дека орагнизациските подготовки ќе завршат навреме. Конституирањето на УО се очекува да биде завршено деновиве, а во фаза на формирање е и фестивалот тим. Него ќе го предводат новите селектори , актерот Ѓорѓи Јолески во драмскиот дел и м-р Гордана Јосифова Неделковска во музичкиот дел кои имаат многу малку време да ја утврдат фестивалската програма.
Во минатото во овој период од годината биле познати речиси сите детаљи околу тоа кој ќе го отвори фестивалот и кој ќе настапи на него. Од дирекцијата на фестивалот велат дека и покрај наследените проблеми и вакумот што настана со промената на раководната позиција, во една забрзана постапка за две до три недели загубеното ќе биде надополнето. Оттаму информираат дека во моментов течат преговори со три еминентни имиња и дека до крајот на оваа недела ќе се знае кој ќе го отвори 47 Охридско лето на Антички театар на 12 јули.
Г. Момироски