„Охридско лето“ вечерва од 21 часот на сцената „Долни Сарај“ ја носи танцовата претстава „Сви марш на плес“ на музика од легендарната група „Бијело дугме“ а во кореографија на Игор Киров.

„Сви марш на плес“ не’ носи во еклектичен измислен свет во кој песните на култниот екс-ЈУ бенд Бијело Дугме стануваат основа за приказната за едно време и една генерација.

Tема на повеќето песни на оваа група е љубовта и љубовните односи, од оние кои ги посакуваме до оние кои се живеат, или пак оние кои веќе се на нивниот крај и припаѓаат на носталгична рефлексија на нивните јунаци. Инспирација за атмосферата на претставата е најдена во спотовите на бендот- енергични, разиграни, потполно во духот на светските трендови на тогашната рок сцена.

Рок движењето во поранешна Југославија беше симбол на еманципација на младите и на прогресот на општеството, додека пак неговиот предзнак сепак алудира на руралниот контекст на едно општество кое сѐ уште не созреало, но како такво има и свои позитивни страни- чистина и детска наивност. Токму тие позитивни страни се основа за звукот на Бијело дугме кој успешно ги спојува традиционалните елементи со оние современи, препознатливи локални звуци и со алтернативните звуци на рокенролот.

Енергија и предаденоста на танчарите на модерниот балет, во комбинација со музиката на Горан Бреговиќ и креативниот импулс на Киров гарантираат свежо и иновативно театарско искуство. Во претставата играат Емир Фејзиќ, Зулеја Кечо, Бранко Митровиќ, Лука Живковиќ, Јакша Филиповац, Енди Шроете, Мојца Мајцен, Теодора Радивојевиќ, Ана Кузмановиќ.

OhridNews