Надминати се недоразбирањата со Дебарско кичевска епархија, по што катедралната црква Света Софија повторно ќе биде отворена за уметниците кои треба да настапат на фестивалот Охридско лето.  Ова за „Оhridnews“ го изјави директорот на фестивалот, Тони Симоноски, кој кажа дека предвидените концерти во катедралната црква Св. Софија ќе се одржат.

Како што објавивме, Дебарско кичевската епархија пред два дена не дозволи да се одржи концертот на квартетот „Сиринкс“ во Св. Софија, по што тој во последен момент беше презакажан во предворјето на катедралната црква. Владиката Тимотеј тогаш изјави дека црквата била принудена да преземе таков радикален чекор, бидејќи Министерството за култура не ги подмирило долговите за изнајмување на Св. Софија.

Од Министерството за култура објаснуваат дека немаат никаков договор со Дебарско – кичевската епархија и дека настапот на уметниците во Св. Софија го договара организаторот  на фестивалот, од каде пак претходно соопштија дека односите со црквата ги регулира министерството.

Со став вчера излезе и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, кој во изјава за “Телма“ истакна дека проблемот со настапот на уметниците во Св. Софија е морално прашање кое го отвара црквата.

Уметниците со децении настапуваат во катедралата Св. Софија, која е заштитен знак на фестивалот Охридско лето и затоа се чини дека времето и начинот на кој се актуелизира  проблемот помеѓу црквата и надлежните институции може да и нанесе ненадоместлива штета на најреномирана културна манифестација во земјата.

Ohridnews