Националната опера и Балет свечено ќе го отвори 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид со проектот „Големиот Чајковски“. Ќе бидат изведени најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски: „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“, со над 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, под диригентска палка на маестра Бисера Чадловска.

За разлика од минатата година кога поради здравствената криза имаше скратено издание, оваа година „Охридско лето“ ќе се одржи во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август, со почитување на протоколите за заштита и спречување на ширење на коронавирусот, најави директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Ќе настапат околу 500 уметници од 18 земји, Србија, Холандија, Словенија, Русија, Бугарија Косово, Германија, Хрватска, Турција, Франција, Италија, Чешка, Романија, Грција, Црна Гора, Белгија и САД како и уметници од земјава. Што се однесува до уметничката програма, можам да најавам врвни концерти со познати светски имиња но приоритет им дадовме на нашите македонски уметници кои имаат светска слава, нашите национални оркестри и театарски куќи, истакна Поповиќ.

Музичката програма годинава ќе донесе 34 концерти, од кои два ќе се одржат во рамките на офф-програмата, најави селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Даница Стојанова.

Ги поканив најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот, со една единствена мисија, за спас на уметноста и културата и нејзино славење во ова чудно време, во градот каде за секој ден има по една црква, каде сонцето гали а езерото тихува, во Охрид градот на светлината и уметноста. Концертите ќе бидат реализирани на Античкиот театар, во црквата Св. Софија и на Долни Сарај, рече Стојанова.

Таа посочи дека  до сега ниеден од уметниците не го откажал своето учество.  Публиката ќе има можност да види и чуе врвни музички имиња како Александар Штаркман, Ѓуљсин Онај, Вихан квартет, Ирина Графенауер, Мате Бекавац Кирил Родин, Жени Захариева, Маја Богданович, Даниел Родан, Стојан Димов и Дино Имери, Дарко Костовски, Васко Дантас, барокниот ансамбл Театро ала мода, Горѓи Цинциевски и многу други.

На фестивалот, годинава ќе бидат изведени 6 театарски претстави, најави селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Александар Поповски. Програмата е составена од она што домашната продукција успеа да го создаде во овие специфични услови во кои мораа да работат тетарите како и од двете најголеми театарски куќи од Србија, Српско народно позориште од Нови Сад и Југословенско Драмско Позориште од Белград, рече тој.

Започнуваме со домаќинот, Охридскиот театар, кој со својата претстава „Крик за љубов“ од Жозиен Баласко во режија на Љупчо Ѓоргиевски, ќе се претстави пред публиката во нивната матична куќа. Според Кориолан на Вилијам Шекспир, Битолскиот театар ни доаѓа со театарската претстава „History of Mother Fuckers“ во режија на Андраш Урбан, која ќе се игра на сцената на Долни Сарај. Српскиот народен театар од Нови Сад, оваа година ќе се претстави надвор од вообичаените класични рамки, еден спој на современото и подзаборавеното, една убава животна драма, за рок ѕвездата Џенис Џоплин, приказна напишана од Тијана Грумиќ во режија на Соња Петровиќ. Театарот комедија, оваа година ќе ни гостува со „Вечера за глупаци“ од Францис Вебер во режија на Ирена Стеријовска а како свое катче, го одбраа дворот на основното училиште „Св. Климент Охридски“.Повторно маестралната претстава на Марјан Неќак кој театарскиот свет го знае како режисер со силна тупаница, современо уметничко кредо, уметник чии претстави се полни со страст, емоции и енормна енергија со актерите од Македонскиот народен театар ќе ја претстави „Само глас“ од Нина Плавањац, една невообичаено уникатна, комуникациска современа музичка драма .Се разбира дека Охридско лето, мораше на својата верна пубилика да им ја подари сензацијата на Југословенскиот драмски театар со претставата „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ во режија на Егон Савин, со што ќе ја завршиме драмската приказна и ќе го затвориме 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ , истакна Поповски.

Во рамки на офф-драмската програма, на трети август е предвидено да настапи познатиот српски актер Иван Босиљчиќ кој ќе рецитира одбрани дела, а ќе долови и стихови од великанот на македонската литература Блаже Конески, токму во годината која е прогласена за „Година на Конески“.

OhridNews