Црквата „Света Софија“ вчеравечер беше претесна да ги прими љубителите на класичната музика кои сакаат да го проследат концертот на романската виолинистка Ирина Муресану и македонскиот оркестар „FAMES“.

Концертот се одржа во рамки на Романската вечер на „Охридско лето“ со поддршка на амбасадата на Романија во нашата земја.

Отворајќи ја вечерта, амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте рече дека оваа е ислучителна година за Романија во однос на учеството на фестивалот „Охридско лето“.

Навистина ни беше голема чест што Анџела Георгиу , најголемата и најталентирана оперска ѕвезда на нашето време, на 12 јули го отвори овогодинешното издание на фестивалот „Охридско лето“, заедно со Оркестарот на Националната опера и балет на Северна Македонија, под диригентската палка на Чипријан Теодорашку од Романија. Ова беше овозможено само со исклучителна посветеност и професионалност на организаторите на фестивалот „Охридско лето“ и затоа упатувам најтопли честитки до Наташа Поповиќ, генерален директор на фестивалот, до маестра Бисера Чадловска, селекторка на музичката програма, како и до целиот тим за нивните извонредни достигнувања и што преку нивната работа и ентузијазам овозможија успешно спроведување на фестивалот „Охридско лето“ еден од најистакнатите културни настани во Европа, рече амбасадорката Адела Моника Аксинте.

Уметницата Ирина Муресану заедно со Оркестарот на Институтот „ FAMES“ приредија незаборавна вечер со богат и разновиден репертоар. Муресану е меѓународно призната виолинистка и добитник е на награди и признанија на престижни натпревари по виолина. Настапува на бројни фестивали ширум светот како солист и камерен музичар.

Изминатата недела имав одлична соработка со оркестарот. Поминавме преубаво време заедно и на пробите и на снимањата, а така беше и синоќа на концертот на „Охридско лето“, рече Муресану.

И младите уметници, дел од оркестарот со кој настапи таа беа задоволни од соработката со неа.

Имавме многу разновиден репертоар. Отсвиревме дела од многу композитори од целиот свет, од Кина, Сирија, Романија, Македонија, САД, Аргентина. Виолинистката Ирина Муресану е прекрасна и премногу енергична личност, рече Антонина Тородорска, полска уметница која има половина македонско потекло.

„Охридско лето“ вечерва продолжува со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ на Националната опера и балет од Северна Македонија што ќе биде изведена на сцената „Долни Сарај“ од 21 часот.

OhridNews