Фестивалот Охридско лето е прогласен за најтуристички настан во Македонија во 2009 година. Ова признание нашата најголема културна манифестација го доби од Министерството за економија  по повод одбележување на Денот на туризмот 27-ми септември. Овој ден за прв пат оваа година беше одбележан со избор на најуспешните туристички настани во Македонија за 2009 година, а во конкуренција на бројни манифестации и фестивали Охридско лето ја освои престижната награда за најтуристички настан.

На манифестацијата по повод Денот на туризмот што денеска се одржа во Скопје на директорот на фестивалот Охридско Лето, Тони Симоноски, му беше врачена плакета.

Oва признание претставува голем поттик за фестивалот Охридско лето, дотолку повеќе што оваа награда доаѓа во екот на подготовките за педесетото јубуилејно издание на најпрестижната културна манифестација во Македонија, изјави за Ohridnews, Тони Симоноски.

Директорот на фестивалот рече дека признанието е потврда на добрата работа на менаџментот, кој како што најави, со уште поголем елан ќе продолжи да го надградува Охридско лето.

– Во пресрет на големиот јубилеј се планираат бројни афирмативни активности, како и голема промоција на фестивалот на Балканот, открива за Ohridnews, Тони Симоноски.

Ohridnews