Во рамки на фестивалот Охридско лето, вечерва, во катедралната црква Св. Софија концерт ќе одржи рускиот пијанист Андреј Коробеиников.

Концертот започнува во 21 часот, а билетот чини 300 денари. 

Андреј Коробеиников е руски пијанист, кој својата богата кариера ја започнува уште на 8-годишна возраст, со рецитал во Баку, Азербејџан. Оттогаш тој постојано настапува низ целиот свет (Бразил, Канада, Кина, Америка, Русија, Колумбија, Чешка, Данска, Германија, Латвија, Монако, Јужна Африка, Турција, Австрија, Белгија и др.), каде што соработува со голем број реномирани диригенти, како што се Јуриј Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Гергов, Максим Шостакович и др.

И покрај тоа што најчесто настапува како солист, камерното музицирање е посебна страст на Коробеиников. Досега соработувал со некои од најголемите виолинисти на денешницава, меѓу кои: Вадим Репин, Дмитриј Махтин, Алина Ибрагимова, потоа – виолончелистите Александар Књазев, Јоханес Мозер, Татјана Василева, пијанистите Борис Березовски, Александар Палеј, Икујо Накамичи и др. Задоволство да свират со уметник како Коробеиников, имале и голем број светски признаени оркестри, како Лондонскиот симфониски оркестар, Националниот оркестар на Франција, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Чешкиот филхармониски оркестар, Токискиот филхармониски оркестар и многу други.

Коробеиников бил учесник на повеќе престижни фестивали, како „Ла рок дантерон“ („La Roque d’Anthéron“) и „Фестивал д радио Франс е Монпелје“ („Festival de Radio France et Montpelier“) во Франција, „Кларафестивал“ („Klarafestival“) во Белгија, „Јанг jуро класик“ („Young Euro Classic“) во Германија, „Вајт најтс“ („White Nights“) и „Нортерн флауерс“ („Northern Flowers“) во Русија и др. Во 2000 година бил избран за доживотен член на одделот за уметност на Интернационалната академија на науките во Сан Марино. Добитник е на голем број награди и признанија, меѓу кои прва награда на третиот интернационален натпревар за пијано „Александар Скрјабин“ во Москва, како и втора награда на вториот интернационален натпревар за пијано „Сергеј Рахмањинов“ во Лос Анџелес. 

OhridNews