Во црквата Св.Дух во Котор, Црна Гора, на иницијатива на меѓународниот фестивал КоторАрт беше потпишана Которската иницијатива, Меморандум за соработка на четирите најзначајни регионални летни фестивали: Меѓународниот фестивал КоторАрт (Црна Гора), Дубровнички летни игри (Хрватска), Фестивалот Љубљана (Словенија) и Охридско лето (Македонија). Спогодбата ја потпишаа Ратимир Мартиновиќ (директор на которАрт Дон Бранкови денови на музика и координатор на сите програми на КоторАрт), Младен Тарбук (интендант на Дубровничките летни игри), Дарко Брлек (директор на фестивалот Љубљана и претседател на Европската асоцијација на фестивали) и Елизабета Јанкуловска (директорка на Охридско лето).
Целта на потпишувањето на меморандумот Которска иницијатива е остварување на подобар дијалог и интензивирање на соработката помеѓу фестивалите , како и отворање простор за реализација на заеднички проекти и програми, размена на проекти, програми и искуства, како и зајакнување на културната соработка помеѓу земјите потписнички.
На потпишувањето на спогодбата присуствуваа и министерот за култура на Република Црна Гора Павле Горановиќ, министерот за култура на Република Хрватска Берислав Шипуш и секретарот на Директоратот за творештво при Министерството за култура на Република Словенија др. Матјаж Шекорања, кој со своето присуство даде силна поддршка на поврзувањето на репрезентативните фестивали, и плодна регионална размена и соработка во областа на културата.
Хрватскиот министер Шипуш потенцира дека ваквиот чекор е од особено значење за Црна Гора и Македонија како држави кои се приближуваат кон Европската Унија со оглед на тоа што Хрватска и Словенија се веќе дел од ова семејство.
По потпишувањето на Которската иницијатива, директорите, министрите и претставниците на четирите држави присуствуваа на концертот на Хрватскиот барокен ансамбл и Симфонискиот оркестар на Хрватската радиотелевизија на плоштадот Св.Влах на свеченото затворање на 66. Дубровнички летни игри.
OhridNews