Иако музичко сценскиот настап на врвните уметници и актери беше на исклучително ниво, свеченото отворање на педесеттото, јубилејно, Охридско лето не мина без организациски пропусти. По стариот добар македонски обичај импровизацијата и овој пат не изостана. Лед дисплејот на големата бина предвидена за театарскиот перформанс го контролираше кран. Повеќетонската градежна машина никако не се вклопуваше во древниот амбиент на Античкиот театар без оглед на целта за нејзинино поставување. Не е дека лед дисплејот не можел да се постави на тркала, поинаку, секако само не да се држи со кран.


И годинава меѓу гостите на отворањето имаше многу јавни фаци. Кој за да биде виден, кој за да види, а имаше и такви на кои уметноста навистина им е блиска. Се внимавало и на изборот на облека, иако се разбира имаше и модни промашувања, но впечаток е дека повеќето од гостите беа елегантно облечени, како што прилега на настанот.



Минатата година го немаше во лоожата на трибините, а годинава градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, воопшто не се појави на отворањето на јубилејното Охридско лето. Организаторот не предвидел негово обраќање на свеченоста, а градоначалникот наместо од Антички, отворањето на Охридско летот го проследи од околните објекти.

– Поучен од минатогодишниот пропуст на управата или Протоколот на Фестивалот, кога за градоначалникот Петрески немаше место мегу официјалните гости, туку мораше да седне меѓу новинарите, градоначалникот годинава, благовремено, за себе, гостите и пријателите кои ги покани како прв човек на градот – домаќин, обезбеди место на терасата на приватна куќа веднаш над Античкиот театар со цел да го проследи свеченото отворање, но не и да биде деградиран бидејќи градот-домаќин тоа не го заслужува. -стои во ставот што го добивме од локалната самоуправа.



Оттаму информираат дека градоначалникот Петрески во името на градот- домаќин упати честитка во која го потенцира значењето и придонесот на “Охридско лето” во афирмацијата на Охрид ширум светот – како и дека присуствуваше на свеченоста во вилата “Билјана” на чинот на врачувањето на Орденот со кој претседателот Ѓорѓе Иванов го одликува “Охридско Лето”.

Г. Момироски