Во Охридскиот регион се уште се користат застарени техники за наводнување на земјоделските површини кои не се многу ефикасни и со кои водата се троши нерационално. Со цел да се надмине оваа состојба, земјоделците треба да започнат да ги применуваат новите и современи техники за наводнување, како што е системoт „капка по капка“. Ова беше истакнато денеска во рамки на конференцијата „Можности за заштита на животнатата средина преку оптимално наводнување и ѓубрење“, со која Еколошкото друштво „Грашница“ го финализираше проектот „Рационална употреба на вода за земјоделие во сливот на Охридското Езеро“.

-Старите техники за наводнување имаат многу ниско ниво на ефикасност. На пример наводнувањето со бразди има искористување на 50 % од водата, а со системот „капка по капка“ се користат дури 95% од водата. Токму затоа потребно е да се направи замена на оние стари и неефикасни техники како што се бразди и вештачки дожд со нови и современи техники на наводнување како што се системите „капка по капка“, наводнување со микрораспрснувачи и сите техники кои користат мал притисок на вода. Со тоа ќе дојде до намалување на потрошената количина на вода, односно повеќе од половина од водата ќе биде заштедена, вели проф. д-р Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Според него потребно е да се искористат искуствата од другите земјоделски региони, како што е на пример Преспанскиот регион каде повеќе од 95% од земјоделците имаат инсталирано системи „капка по капка“.

-Се надевам дека многу наскоро и во Охридскиот регион ќе има голем процент на вакви системи за наводнување. Според информациите кои ги имам од терен, состојбата започнува да се подобрува и охридските земјоделци стануваат свесни за предностите на овој систам. На пример во селото Косел околу 40% од земјоделските површини веќе се наводнувата со системот „капка по капка“, вели Чукалиев.

Тој нагласува дека во охридско треба да се постигне едно еколошки прифатливо земјоделско производство кое нема да ја нарушува животната среднина и ќе успее да ги заштити водите, да ги заштити почвите како и да обезбеди квалитетно замјоделско производство.

Според екологистите еден од основните проблеми на охридските земјоделци е нивната неинформираност.

-Недоволната информираност и недостатокот на знаења во однос на примената на вештачки ѓубрива, прекумерната употреба на пестициди и прекумерното наводнување, освен еколошки носи и економски штети за земјоделците. Ние како регион сме богати со вода, но таа вода нерационално се користи и голем дел од неа се загадува. Со лошите земјоделски практики страда и наслението и се загадува биолошката разновидност, вели Ѓоко Зороски од ЕД „Грашница“.

Тој објасни дека со цел да се заштеди вода, во иднина планирано е набавување на современи уреди со кои би се мерела количината на влажност на почвата.

Заклучоците и насоките за правилно и рационално управување со водата за наводнување, кои беа утврдени на конференцијата ќе бидат доставени до сите надлежни институции заедно со предвидените предлог-мерки.

Е.М