Охридските земјоделци покажале голем интерес за новиот Јавен повик од ИПАРД програмата, со која се обезбедува финансиска помош за одржливо земјоделство и рурален развој.

-Голем е интересот на земјоделците од Охридскиот регион за аплицирање по најновиот ИПАРД повик. Најголем е интересот за набавка на нови трактори и приклучна механизација. Зголемениот број на заинтересирани земјоделци е поради тоа што годинава има поволни измени во ИПАРД програмата за набавка на ваков вид механизаци, вели Билјана Ѓорческа, Советник за организација во подрачната единица на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството во Охрид.

Таа објаснува дека Финансиската поддршка за набавка на трактори е дел од мерката 101 – Инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на Европската Унија. Во рамки на оваа мерка земјоделците може да аплицираат и за обновување на лозови и овошни насади и насади во градинарството.

Во јавниот повик од ИПАРД активна е и мерката 103 – Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи со нивно преструктуирање и надградба за достигнување стандардите на Европската Унија и мерката 302 – Диверзификација и развој на руралните економски активности.

-Финансиската подршка за мерка 103 е наменета на преработувачките капацитети за млеко и млечни производи, преработка на овошје и зеленчук и преработка од производи од месо, а финансиската поддршка за мерка 302 е наменета за руралната популација за инвестиции во приоритетните сектори како што се поддршка и развој на микро и мали претпријатијата во руралните средини за преработка на храна, не-прехрамбени производствени активности и рурален туризам, објаснува Ѓорческа.

Таа истакна дека сите заинтересирани земјоделци можат да обратат во Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството во Охрид, каде што ќе ја добијат неопходната помош за прибирање на потребната документација, а ќе добијат и бесплатна подготовка на техничкиот предлог проект. Огласот од ИПАРД програмата ќе трае до 15-ти септември 2015 година.

OhridNews