Претставниците од охридските приватни и јавни здравствени институции ги кажаа своите проблеми пред директорката на републичкииот Фонд за здравствено осигурување. Сложената администрација, е само еден од проблемите со кои тие секојдневно се соочуваат и за чие поедноставување во иднина ќе се бара соодветно решение. Директорката Маја Парнаџиева- Змејкова, која престојуваше во работна посета на Охрид, истакна дека еден од начините за надминување на овој проблем е што поголемата електронска комуникација, наместо досегашната во писмена форма. 
 
Со посетата на подрачните единици во Охрид и Струга, потенцира Парнаџиева, се започна остварувањето на еднодневните посети на сите ПЕ во земјава кои во иднина редовно ќе се реализираат. “ Целта е да се види нивното работење  на лице место, да се разговара со директорите и со непосредна комуникација надминат проблемите и видат условите во кои работаат вработените” , рече Парнаџиева. 

Директорката на ФЗО, истакна дека од големо значење е да се оствари директна комуникација и со претставниците од трите комори-лекарската, фармацевтската и стоматолошката. “ Одлучивме дека има потреба да комуницираме со општинските здруженија на поединечни средби за на терен да видиме со кои конкренто проблеми тие се соочуваат, од аспект на законските проблеми, како и практичните  проблеми помеѓу коморите. Се јавуваме и како медијатор и воведуваме задолжителна средба, која ќе биде задача на директорот на ПЕ, еднаш месечно да се остваруваат средби со претставниците на коморите, на кои ќе се разгледуваат и решаваат локалните проблеми кои се јавуваат во работењето”, истакна Парнаџиева.

Работењето на охридската Подрачна единица, директорката на ФЗО ја оцени како доста солидна, и дека треба да послужи како пример за успешно работење на кој треба да се угледаат и останатите ПЕ- ци во земјава. 

T. K.