Охридските занаетчии плаќаат висока фирмарина и цена на електричната енергија беше посочено од страна  на раководството на Занаетчиската комора на Северна Македонија по обиколка на занаетчиите во охридската чаршија. Потенцирано беше дека потребно е поголемо внимание да се посвети и на мерките дадени од Владата.

Ја посетивме Регионалната занаетчиска комора во Охрид и видовме дека дел од занаетчиите не се информирани со мерките кои се дадени од Министерството за економија, поточно мерката за репроматеријали и алат, вели претседателот на Занаетчиска комора на Северна Македонија, Агрон Фазлији.

Фирмарината на локално ниво е прескапа, зошто вршителите на занаетчиска дејност плаќаат иста фирмарина како да се индустрија и истата изнесува 6 000 илјади денари, наместо истата да изнесува по тарифникот кој вели дека вршителите на занаетчиска дејност треба да плаќаат 2 000 илјади денари. Затоа потпретседателот на Занаетчиската комора во Охрид, Александар Крстев ќе се заложи за овие вршители на занаетчиска дејност да плаќаат помала фирмарина во градот Охрид. Треба поголемо внимание да се посвети на мерките дадени од Владата и регионалните занаетчиски комори и Националната комора за да можат занаетчиите да имаат бенефити во нивнаата работа. Не само коморите, туку и власта и државата да има повеќе субвенции во оваа насока за да може непречено занаетчиите да работат и да бидат профитабилни, вели Фазлији.

Крстев истакна дека фирмарината кај занаетчиите е регулирана со закон кој се носи на локално ниво за секој град, односно општината носи одлука колку ќе наплаќа фирмарина за занаетчиите.

Едно време Регионалната комора издејствува паушалните занаетчии да плаќаат 500 денари фирмарина наместо 6000 денари, но во меѓувреме по новиот Закон за занаетчиство и вршителите на занаетчиска дејност влегоа како членови на Занаетчиската комора и сега и тие треба да ги добијат бенефитите како членови, а според правилникот за плаќање на фирмарина и вршителите на занаетчиска дејност кои не се паушално одданочени треба да плаќаат по 2 000 денари наместо 6 000 денари фирмарина, зошто тие сепак се вршители на занаетчиска дејност, а не се индустријалци. Треба да направиме една јасна дистинкција меѓу занаетчија и индустрија, вели Крстев.

Додаде дека, долго време Републичката занаетчиска комора на нивна иницијатива се залагала исто така за дистинкција помеѓу индустрија и занаетчиство и во поглед на плаќање на електричната енергија.

И занаетчиите и индустријата се обврзани да плаќаат индустриска струја што нема никава смисла зошто голем дел од занаетчиите својата занаетчиска дејност ја вршат во своите домови. Од друга страна доколку се вршители на занаетчиска дејност или занаетчии тие се обврзани да плаќаат индустриска струја што нема смисла дека еден занаетчија ќе потроши толку струја. Во секој момент се бориме да го сузбиеме тоа, се врши грабеж на занаетчиите преку наплаќање на електричната енергија по индустриска тарифа, потенцира Крстев.

Беше истакнато дека веќе е пратено барање до Влада, до Министерство за економија и се чека одговор, не да се тарифираат занаетчии како домаќинствата, но да се најде решение како да се тарифираат овие дејности да имаат помали давачки кон државата.

Во рамки на посетата на Охрид, беа посетени Филеви кои на Форум кој ќе се одржи при крај на оваа година ќе добијат и награда за промоција на бренд и за чувари на традицијата.

Н.С.Ј.