Охридските витези „Арена“, весело друштво на познати урбани ликови, по шести пат ја организираше рекреативната велосипедска тура околу Охридското Езеро.
На 7-ми мај претпладнето охридските витези од пред скверот „Жиголо“ ја започнаа велосипедската тура околу езерото. Подоцна им се приклучија и неколкумина рекреативци од Струга. Вечерта во Тушемиште, Албанија, тие имаа традиционална вечера, по што вчера се вратија во Охрид.
Охридското друштво витези „Арена“ постои 10 години, а неговите членови традиционално дружат меѓу себе секој четврток. Една од нивните традиционални активности од пред шест години е и велосипедската тура околу Охридското Езеро, која денес ја практикуваат многу клубови и рекреативци од Охрид и Струга.
Најмладиот учесник на кружната велосипедска тура околу езерото на охридските витези има 52 години, а највозрасниот 64.
„За уба дружба стално е чоек млад“ – велат охридските витези.
На овие тури честопати се приклучуват и туристи, а за догодина се најавува и учество на претставници на дипломатскиот кор во земјата.
Г.М.