Охридските угостители речиси целосно ја испочитуваа одлуката за стапување во штрајк и ги затворија своите објекти во знак на протест против законот за заштита од пушењето, вели Драган Битракоски, член на иницијативното тело за измена на спорниот закон. Сепак и во центарот на градот и во внатрешноста можеше да се забележи по некој отворен угостителски објект,  иако најголемиот дел од угостителите во Охрид ја почитуваа одлуката за штрајк.


Коментирајќи ја најавата на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ за измена на законот со кој во летната сезона ќе се дозволи пушење на терасите, Битракоски истакна дека тоа не е доволно и дека е потребно да се направат суштински измени во законот.

-Треба да се донесе закон кој ќе биде прифатлив за угостителите. Ние испративме барања до Владата од која очекуваме да ги прифати, исто како што тоа го направија многу земји во регионот и пошироко. Конкретно бараме на објктите до 100 квадратни метри да им се остави можност да одлучат дали ќе бидат пушачки или непушачки, а поголемите барем една третина да бидат за пушачи или да имаат можност да откупат лиценци, додаде Битракоски.


Штрајкот на угостителите на ниво на држава не ги оправда очекувањата бидејќи голем дел од угостителите работеа. Дел од сопствениците кои се приклучија на штрајкот сметат дека потегот на нивните колеги е неколегијален и дека покажаното неединство не оди во прилог на нивните напори за промена за законот за заштита од пушењето.

Г.М.
Ohridnews