Во дел од охридските училишта и градинки минатата  недела беа поставени  апаратите со специјален антибактериски гел, за миење раце и за одржување хигиена. Оваа иницијатива е дел од мерките за заштита од свинскиот грип, за која локалната самоуправа ќе потроши 150.000 денари.

Во едно полнење, секој од овие апарати содржи еден литар специјален антибактериски, атестиран и еколошки гел, чија заштита трае осум часа. Апаратите со антибактерискиот гел за заштита на рацете се постававуваат во просториите во кои има мијалници, а учениците ги користат едноставно, бидејќи принципот на овие апарати е ист како при користењето течен сапун.

Покрај грижата на надлежните институции, во дел од училиштата на иницијатива на родителите исто така е набавена одредена количина антибактериски гел, кој учениците го користат за лична хигиена под надзор на наставниците. Овие мерки се преземаат за заштита на децата и вработените во образовните институции од свинскиот грип, а според препораките од здравствените работници, честото миење на рацете е една од најважните мерки за заштита.

Ohridnews