Охридските туристички водичи, се крајно револтирани од начинот на формирање и функционирање на новото Здружение на туристички водичи на Македонија, кое според законот е одговорно за издавање на легитимации за вршење на дејноста.

Тие обвинуваат дека воопшто не биле информирани за формирањето на здружението, кое како што велат, е направено нетранспарентно. Тие сметаат дека тоа не ги застапува интересите на охридските туристички водичи, кои се најмногубројна група во земјава( ги има околу шеесетина), туку се води од лични интереси на мала група луѓе.

Како што дознава „Ohridnews“, на вчера одржаниот состанок на туристичките водичи од Охрид, се водела бурна расправа по ова прашање, бидејќи издавањето на новите легитимации за вршење на дејноста, беа најавувани со години и со нив треба да се воведе ред во оваа област. Овие легитимации треба да им послужат на водичите и за идентификување пред надлежната инспекција, која согласно овластувањата, на водич без ваква легитимација може да му изрече мандатна казна од 100 евра, а и да му поднесе соодветна пријава. Ова е дотолку важно и поради фактот што често и во Охрид можат да се забележат диви водичи кои неретко ја искривуваат македонската историја.

Новите легитимации во употреба треба да се воведат пред почетокот на новата туростичка сезона.

Ohridnews