Охрид за Велигденските празници преполн со гости. Меѓу нив голем е бројот на оние од другите градови во земјава, но особено впечатливо е присуството на странските гости кои ги има од сите делови од светот.

Туристичките работници задоволни. Велат хотелските капацитети на крајбрежјето се исполнети до последното место, а за претстојната летна туристичка сезона резервациите се веќе направени и хотелите ќе бидат полни до крајот на месец септември.

  • За овие празници нашиот капацитет е исполнет во целост, најголемиот број гости се од Бугарија, Грција, Македонија. За претстојната сезона се е резервирано со гости од Холандија до почетокот на октомври, велат од хотел Тино.

Слично е и во хотел Гарден.

  • Нашиот хотел во моментов е исполнет со гости од Франција. Резервациите за наредните месеци се направени и до крајот на септември кај нас ќе престојуваат гости од Холандија, Словенија, Бугарија, информираат од хотел Гарден.

Задоволни од посетеноста и исполнетоста на капацитетот и во хотел Милениум каде деновиве престојуваат туристи од Германија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, а своите резервации за летната сезона ги направиле гости од Турција, Холандија и цела Западна Европа.

Според ваквите најави на Охрид му претстои уште една успешна туристичка сезона која ќе донесе гости од сите страни на светот, привлечени од природните убавини на градот и културното богатство.

OhridNews

.