Историјата и фактите за Охридските трубадури и старата македонска песна негувани од големиот вљубеник во музиката и хроничар Стојан Златаноски, преточен во збирката „Песни и ора пеени и свирени од ансамблот Охридски трубадури“, од денеска и се достапни на пошироката јавност. Четириесетгодишниот труд на Стојан Златаноски е поместен во оваа книга, која како што беше истакнато на денешната промоција, претставува непроценливо фолклорно богатство.


– Стојан го нема повеќе меѓу живите но останува неговото дело и богатата збирка песни кои ја раскажуваат македонската историја преку музиката. Ќе остане запишан како еден носталгичен трубадур кој остави творештво за идните времиња, истакна професорот Виолета Ачкоска.


На промоцијата присуствуваше помалиот брат на Стојан, Мито Златаноски кој кажа дека збирката е е негов долгогодишен труд и е  изработена во факсимилна форма со ракописот на големиот музички вљубеник.


– Охридски трубадури е еден од најстарите ансамбли на Балканот кој ја негува староградската песна. Од почетокот на негување на старогрдската песна во Македонија постоеле 4-5 ансамбли меѓу кои и Охридските трубадури. Песните од охридскиот крај имаат своја специфичност и практично секоја од нив содржински претставува посебна поема која ја отсликува животот на луѓето во одреден период. Оваа збирка всушност претстсавува 40годишен труд на мојот брат, Стојан Златаноски, кој е последниот капилник на Охридските трубадури почнувајќи од Садило, а завршувајќи со него, рече Мито Златаноски.


Тој изрази задоволство што оваа збирка која зборува за традицијата во охридскиот крај е објавена и ќе дојде во рацете на стручните и нестручни луѓе, вљубениците и почитувачите на традицијата. „Се надевам дека оваа збирка во скоро време ќе добие и електронска форма, и покрај проучувањето ќе можат луѓето да ги слушаат и негуваат овие песни“, додаде Мито Златаноски.

Г.М.