Здружението „Титоисти“ од Охрид денеска го одбележува 19-ти март, денот кога е формирана Комунистичката партија на Македонија.

-Во редот значајни датуми во Македонската историја, секако е и денешниот ден, кога се навршуваат 72 години од формирањето на Комунистичката партија на Македонија, во виорот на најзначајните борби за ослободување на нашата татковина во Втората Светска Војна. Партијата, која беше предвесник на промените во социјалистичкото македонско општество, во куќата на семејството Јовановци во Тетово, ја формираа видни македонски дејци, чии идеи за зајакнување и за просперитет на државата, беа столбови на македонската повоена државност. Имињата на нејзините творци, Лазар Колишевски, Цветко Узуновски – Абаз, Кузман Јосифовски – Питу, Страхил Гигов, Бане Андреев и Мара Нацева, доволно зборуваат и денес, по повеќе од седум децении, за интелектуалната елита, цврстина и единство на самата партија, во идеите за еднаков развој на Македонија, во рамките на Југословенската Федерација, потенцираат охридските титоисти во соопштението испратено до медиумите.

Во него се посочува дека иако владејачките структури можат да ја менуваат историјата во корист на некои свои лични убедувања, колективното сеќавање не може да го избрише никој, а во него, КПМ има високо морално и вредносно место.

OhridNews