Охридските теквондисти на најјакиот Меѓународен ИТФ-турнир А класа во Пловдив соседна Бугарија освоија три одличја. Ова е солиден успех, со оглед дека Теквондо клубот „Хва Ранг ИТФ“ на „Бугарија Опен 2018“ настапи со преполовен состав.
Медалите за охридскиот клуб ги донесоја Филип Трифуноски и Елена Јанеска. Трифуноски се закити со сребрен медал во категоријата 12-13 години од 65 килограми, додека Јанеска два пати се искачи на третото место од пиедесталот. Јанеска на третата позиција заврши во категоријата борби 12-13 години и форми за жолт појас во истата возрасна категорија.
- Директно двајцата наши натпреварувачи беа оштетени во финалето односно полуфиналињата. На судиските грешки им немаше крај. Гласот против судиските одлуки не го кренавме само ние, туку и другите федерации кои ги гледаа борбите. И не беше толку, туку и другите натпреварувачи се соочија со судиски грешки во корист на противници. – изјави претседателот на клубот Марјанчо Лазаревски, кој изрази благодарност до ПН Метал за поддршката и спонзорството за учество на турнирот во Бугарија.
Во Бугарија, охриѓани не успеаја да обезбдат кретириум за настап на Европско првенство, но тоа достигнување не е далечно, бидејќи клубот солидно се престави на еден од најдобрите меѓународни турнири во овој регион.
OhridNews