Голем број љубители на театарската игра, културни работници и поддржувачи на уметноста, беа дел од пригодната свеченост со која охридскиот Народен театар вчеравечер го одбележа Светскиот ден на театарот.

Во рамки на свеченоста свое обраќање пред присутните имаше Раководителот на теaтарот Горан Стојаноски, а од страна на актерите беа прочитани Интернационалната и Националната театарска порака.

Инаку во текот на вчерашниот ден беше организирана презентација на членовите од Детското драмско студио, а беа изведени претставите „Свињарот“ и „Детектор за Лаги”.

Светскиот ден на театарот е востановен во 1962 година и се одбележува во стотина земји од националните театарски институти. Секоја година истакната личност од театарот пишува меѓународна порака во име на Интернационалниот театарски институт, што УНЕСКО го формирал во 1948 година. Таа се преведува на повеќе од 20 јазици и им се чита на гледачите пред почетокот на претставите во театрите низ светот. Македонскиот театарски институт се придружи на одбележувањето во 1997 година и оттогаш и личност од областа на театарот во Македонија пишува национална порака, која заедно со светската се чита на денот на театарот.

OhridNews