Како и секоја туристичка сезона така и оваа- охридските таксисти се изживуваат со граѓаните кои ја бараат нивната услуга. Одбиваат да возат на пократки релации, уценуваат со цените, ги игнорираат молбите дури и на родителите со деца или постарите и болни лица на кои им е неопходна нивната услуга.

Со мојата пријателка и нејзиното мало дете бевме во центарот на градот кога почна да врне и се упативме кон бројните такси возила кои стоеја паркирани пред поштата. Никој од нив не сакаше да не земе и ни бараа сто денари однапред, за релација за која вообичаено плаќам не повеќе од 50 денари, вели една наша сограѓанка. “ Истото ми се случии и мене, со двете деца пет минути на силен дожд ги молевме таксистите да не пренесат до дома и ниту еден од нив не сакаше ниту да не ислуша и ги игнорираа нашите молби. Истото им се случуваше и на многу други кои се обидуваа да се качат во некое од паркираните возила” , вели турист од Србија.


Ваквата слика се повторува секое лето во Охрид. Таксистите или одбиваат да возат низ град или пак ве уценуваат да платите цена многу повисока од вообичаената.  На фиксните телефони на такси компаниите воопшто не можете да добиете, затоа што линиите се постојано зафатени или не одговараат. Може да повикате такси единствено ако имате мобилен телефон од сопственикот или некој од возачите и ако имате среќа да се смилуваат и ви пуштат возило.    

Преку година пак постојано се жалат дека заработувачката е слаба и едвај заработуваат за живот. Тоа секако не им дава за право преку лето да ја надоместуваат загубата и ги уценуваат граѓаните. При тоа, давајќи впечаток пред туристите дека таксистите ги ограбуваат граѓаните и при тоа врз нив, буквално, никој нема контрола.

Од општинскиот инспекторат и пазарната инспекција велат дека во нивна надлежност е само контролата- дали таксистите возат со лиценца за работа и дали се паркираат на утврдените постојки. – Вакви контроли редовно се спроведуваат и не се забележани отстапувања, велат од општинскиот инспекторат.

Задолжени пак за контрола на издавањето на фискални сметки од страна на таксистите и дали тие возат со таксиметар е Управата за јавни приходи. 

Ohridnews