Иако Советот на општина Охрид пред повеќе од една година има донесено одлука за унифицирање на такси возилата на територијата на општина Охрид, дел од такси превозниците сеуште целосно не ја спроведуваат ваквата одлука. Сите компании и индивидуални такси превозници ги пребоија возилота во бело-сина комбинација, но дел од нив сеуште не ги унифицирале таблите како што стои во одлуката на советот.
Претседавачот на Советот, Владо Чингоски, изрази незадоволство од работата на инспекциските служби и побара нивна поголема активност во спроведување на одлуката на советот. Незадоволство изразија и дел од советниците кои обвинија дека одредени таксисти во туристичката сезона спротивно на утврдените цени ги уценуваат граѓаните и туристите и им наплаќаат многу поскапи услуги.
се чека на унифицирање на такси таблите
Градоначалникот Александар Петрески пак смета дека општината не треба да биде ригидна, туку треба проблемот да го реши во дијалог со таксистите. Но, вели Петрески секоја толеранција има граници. Градоначалникот информираше дека инспекциските служби постојано се на терен и очекува проблемот со унифицирање на таблите на такси возилата во градот да биде решен до почетокот на летото.
Почитување на одлуката на Советот бараат и дел од такси здруженијата кои ги обвинија големите такси компании дека одбиваат да ги унифицираат таблите на такси возилата. Според најавите, на такси компаниите кои сеуште не ја испочитувале одлуката на Советот, ќе им биде даден уште еден, последен рок, по што сите оние кои нема да ги променат таблите на такси возилата, ќе бидат исклучени од сообраќајот.
Г. Момироски