Изминатиов викенд на стрелиштетот во Бејбунар во Охрид во организација на Македонската спортска стрелачка федерација.се одржа Државното првенство во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма. Првенството се одржа во вондредни услови согласно протоколот од Комисијата за заразни болести за одржување на натпревари.
Паузата и редуцираните тренинзи не оставија белег кај охридските стрелци, кои доминираа на Државното првенство. Тие освоија три поединечни први места, едно второ и едно трето место, но и поставен нов државен рекорд е конечниот биланс на турнирот.
Успех на охридските стрелци:
Прво место и старо-нов државен првак, а воедно и рекордер е младата Јована Милевска која со извонреден резултат од 617 кругови успеа да го собори досегашниот рекорд од 616 кругови, кој истотака го држеше поранешен член на клубот, оставајќи ја зад себе второпласираната за 7,8 кругови. Во истата категорија на 6-тата позиција се пласира Марија Ванѓеловска со 579,1 кругови, пред Ива Маленко, која се пласира на седмата позиција со резултат од 571,8 кругови. Од вкупно 16 јуниорки, Калина Чепуњоска се пласира на 10-тата позиција со резултат од 568,7 кругови. И во екипен пласман јуниорки пушка, прво место за екипата на СК ,,Охрид“ во состав Јована Милевска, Марија Ванѓеловска и Ива Маленко со резултат од 1767,9 кругови.
Во јуниорска категорија, уште еден млад охридски стрелец, но овојпат од ЖСК ,,Лихнидос“-Бојан Спасеновски е новиот државен првак за 2020 год.со резултат од 594 кругови, односно за 2,9 кругови подобар од второпласираниот. Кај јуниорите Кристијан Џепароски од СК,,Охрид“ се пласира на 5-тата позиција со резултат од 578,1 кругови. На претпоследната позиција се пласира Никола Спироски, кој по подолга пауза и со премин од сериска во меѓународна програма, повторно се врати на стрелачките терени.
Кај сениорките на пушка, нов државен првак е Јана Маркоска со резултат од 594 кругови. На третата позиција е нејзината клупска членка-Мартина Петровска со резултат од 564,3 кругови.
Натпреварот го заокружи нашиот најдобар сениор Михаил Шишкоски кој со резултат од 591,7 кругови, овојпат мораше да се задоволи со втората позиција.
До крајот на летото планирани се подготовки за репрезентативците, на кои учество ќе земат и нашите стрелци.
OhridNews