Во исклучително јака конкуренција, со речиси повеќе од 120 натпреварувачи, во сите категории и дисциплини, охридските стрелци ги покажаа уште еднаш своите квалитети. Во организација на АСК „Тракиа“, од 14-17.12 се одржа Интернационалниот турнир во гаѓање со воздушно оружје во меѓународна програма „Тракиа 2022“, на кој учество зедоа 10-тина стрелци од охридските клубови.
Неверојатен успех, во тим микс пушка и пиштол, постигнаа Јована Милевска и Бојан Спасеновски, како и Стефанија Вељаноска и Климен Мостро, пласирајќи се на вицешампионската позиција. Јована Милевска и Бојан Спасеноски за само 0,1 круг заостанаа зад првопласираните и тоа на последната дијабола. Ова е раритет за нашите стрелци, бидејќи дел од нив за првпат учествуваат на ваков вид на натпреварување кој е олимписка дисциплина.
На вториот ден на Турнирот, стрелците зедоа учество во поединечна конкуренција и тоа во категорија на јуниори и јуниорки, и помлади јуниори/ки пушка и пиштол. Најдобро пласиран во дисциплина јуниори пушка беше Бојан Спасеновски, ЖСК „Лихнидос“, кој во квалификациите влезе како првопласиран за да ја задржи позицијата и по завршување на финалето. Ова воедно е и негов прв настап во финале.
Во истата дисциплина Кристијан Балоски од СК „Охрид“ по седмото место во квалификциите успеа да се пласира на третата позиција во финалето. Во категорија на помлади јуниори, младиот Бора Каќел, од ЖСК „Лихнидос“, по неполни 3 месеци од успехот во Благоевград, повторно се закитува со сребрен медал.
Јована Милевска во категорија на јуниорки пушка, во финалето влезе како 7-мо пласирана, но за жал не успеа да се искачи на пиедесталот па заврши како 6-то пласирана.
Кај помлади јуниорки (до 15 год.) пушка, Драгана Локоска, од СК „Охрид“, се пласира на 3-тата позиција, додека Ана Танеска од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на 4-то место, а од СК „Охрид“ Теодора Спироска се пласира на 5-тата позиција.
Во дисциплина пиштол млади јуниори, Климент Мостро, од ЖСК „Лихнидос“, ја зазеде вицешампионската позиција, додека Иван Милевски од СК „Охрид“ се пласира на 5-тата позиција.
Кај девојките на пиштол, Стефанија Вељаноска успеа да влезе во финалето како 8-мо пласирана, ноне успеа да се закити со медал, туку се искачи едно место погоре на табелата и заврши како 7-мо пласирана. Во истата дисциплина Наталија Савеска се пласира на 13-тата позиција.
Наредниот викенд е уште последниот V куп, во организација на МССФ, во меѓународна програма и со тоа завршува натпреварувачката сезона.
OhridNews