Стечајните работници денеска ќе излезат на протест пред Владата за да го искажат својот револт од нерегулирањето на нивниот статус. Нив ќе им се придружат и работниците со над 25 години работен стаж и нерегулиран статус од Охрид. И тие како и нивните колеги во останатите градови од државата кои останаа без работа во времето на приватизација на општествените фирми, се гневни на државата, која како што велат ги оставила на улица.

-Ниту едно претпријатие во Македонија не е легално приватизирано, а државата наместо да си го поврати капиталот кој со децении го создававме ние работниците, дозволи тие да останат без работа, вели Иван Николоски од охридското здружение на стечајците. Тој како и другите членови на здружението се незадоволни од Законот за материјално обезбедување на невработени лица од претпријатија со доминантна државна сопственост, кој според нив е дискриминаторски.
Законот со важност од 1 јануари 2000 до 31 декември 2004 година е на разгледување во Уставен суд по жалба на Унијата на здруженија на работници со над 25 години работен стаж и нерегулиран статус. Стечајците и работниците со над 25 години работен стаж и нерегулиран статус, бараат државата да им го регулира статусот на сите поранешни вработени кои останале без работа во време на приватизацијата на државните претпријатија и по 2004 година. Доколку тоа не биде направено тие најавија дека правдата ќе ја бараат пред Меѓународниот суд на правдата во Стразбур.

Ohridnews