Учениците од средните училишта “Св. Климент Охридски“ и „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид, денеска по по втор пат излегоа на протест и искажаа револт од реформите во високото образование и односот на министерот за образование.
-Приоритет на министерот треба да биде образованието, а сите сме сведоци дека тоа не е така, затоа јавно се обраќеме до Министерството за образование дека инсистираме на средба со претставници од средношколскиот пленум на која ќе се оствари дијалог за барањата доставени од истиот. Долго време сме игнорирани и нема да дозволиме тоа да продолжи во иднина.-се вели во прогласот на Средношколскиот пленум кој беше прочитан на плоштадот „Св. Климент Охридски“.
Од средношколскиот пленум истакнаа дека единствено што бараат е дијалог за да се изнајде решение кое, како што беше кажано, ќе претставува средина, односно ќе биде прифатливо за свете страни.
-Апелираме за поддршка до сите оние кои на некој начин се сложуваат со нашата борба, бидејќи овие реформи не важат само за нас, туку за сите оние кои директно или индиректно се вклучени во образовниот процес.-истакнаа од средношколскиот пленум.
Средношколците бараат враќање на стариот концепт на матура и укинување на екстерното тестирање.
Средношколците добија поддршка од родителскиот пленум, кој застана зад нивните барања. И родителите се обратија до министерот Адеми, изразувајќи незадоволство од реформите во образованието.
-Дозволете како родители да ви укажеме дека е крајно време да го препознаете и респектирате потенцијалот кој го носат младите во оваа држава. Во прашање е една цела генерација на ученици во средното образование, која сака, може умее и има право активно да учествува во создавање на квалитетно и модерно образование, генерација на која и е доста од инстант реформи, реформи заради реформи и реформи на квиз прашања. – рече Рајко Домазетоски од Родителскиот пленум.
Инаку протетсот на средношколците, кои втора недела ја бојкотираат наставата, започна од охридската Гимназија, по што учениците се упатија по улицата „Димитар Влахов“, преку „Македонски Просветители“ до крстосницата кај „Охридска банка“, каде кусо го бликираа сообраќајот, по што направија круг од кај градскиот пазар и низ чаршијата, за протестот да заврши на главниот плоштад.
Учениците носеа пароли и скандираа низ охридските улици, повикувајќи ги граѓаните да им се придружат. По читањето на пораката од средношколскиот пленум на плоштадот, учениците мирно се разотидоа.
Протестот на охридските средношколци мина мирно и без ниту еден инцидент.
Г.М.