Мирно и без инциденти заврши протестот на учениците од охридските средни училишта што се одржа попладнево. Како што истакнаа организаторите, на протестот излегле ученици во главно од 3 и 4 година од гимназијата „Св. Климент Охридски“, средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ и мал дел од ЕМУЦ „Свети Наум Охридски“.

 Учесниците на протестот изрзија револт кон, како што беше истакнато, лошите реформи во образованието. 

-Нашата цел беше да покажеме дека не се плашиме да го искажеме својот став против лошите реформи кои за нас се тотално неприфатливи и несфталиви. Тоа подразбира враќање на стариот концепт на матурата и укинување на екстерното тестирање, затоа што не е логично ученик со настава од 8 месеци да биде испитуван со најопшти 30 прашања и тоа да биде пресудно за неговата иднина. – рече Леонид Трпчески, ученик во 4-та година во Гимназија.

Со пароли во рацете и скандирања тие кусо се задржаа пред зградата на општината каде е сместен и државниот просветнен инспекторат, по што се упатија кон градскиот плоштад. 

Поддршка на учениците им изразија членови на училишните одбори и совет на родители. Според нив надлежните институции се одговорни за бојкотот на наставата од страна на учениците, бидејќи за половина година два пати се менува концептот на полагање матура. 

-На 6-ти април стигна допис дека се менува концептот на полагање матура кој беше утврден во ноември. По системот „пу пу шалили смо се“ дотогашниот концепт на матура не важи. Од тие причини сметам дека Државниот испитен центар и Бирото за развој на образованието како да ги натераа учениците со сила да излезат на улица – изјави Рајко Домазетоски, ччен на Совет на родители и на Училишниот одбор при Гимназија.


Протестно „селфи“

Средношколците од Охрид кои трет ден не одат на настава најавија дека бојкотот ќе продолжи се до исполнување на нивните барања, односно враќање на стариот концепт на матура и укинување на екстерното тестирање.

Г.М.