Охридските средношколци, денеска напладне повторно ќе излезат на протестен марш на улиците низ Охрид. Mаршот е поддршка на средношколскиот марш кој денеска ќе се одржи во Скопје и кој има за цел да ги поттикне надлежните служби во Министерството за образование на дијалог за лошите реформи во образованието и проблемот со државната матура.

Според најавите, протесниот марш ќе започне околу 12 часот пред кругот на ОСУ „Св. Климент Охридски“, продолжувајќи по улицата „Димитар Влахов“, покрај општина Охрид, па по улицата „Македонски Просветители“, семафорите кај „Охридска Банка“, булевар „Туристичка“ до пресекот со улица „Абас Емин“, охридскиот пазар и улица „Македонски Просветители“. Крајна цел на маршот ќе биде споменикот на „Св. Климент Охридски“, на градскиот плоштад. Се очекува маршот да заврши околу 14 часот.

Првиот протестен марш на охридските средношколци се одржа на 9-ти април 2015 година. Овој марш го поддржаа учениците од гимназијата „Св. Климент Охридски“, средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ и мал дел од ЕМУЦ „Свети Наум Охридски“.

OhridNews