Над 11 000 спортисти од 206 нации, поделени во 33 спортови и 50 дисциплини, од 23 јули до 8  август ќе се натпреваруваат на Летните Олимписки игри во Токио, кои наместо во 2020 година поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот ќе се одржат годинава.

„Побрзо, повисоко, посилно-заедно“ е мотото на Олимписките игри во Токио, кои треба да ја подигнат летвичката во спортот, бидејќи ќе се одржат во екстремни услови во пандемија и комплициран циклус за спортистите, кои речиси година и половина беа спречени „нормално“ да тренираат и подготвуваат.

Учеството на Олимписките игри е магично, особено ако се избори и заслужи на терен. Јас со само 17 години бев дел од Олимпијадата во Атланта 1996 година. Тоа за мене беше нешто невидено и неверојатно. Толку многу луѓе и елитни спортисти од сите земји на едно место, вистина чуството е посебно. Следните две олимпијади 2000 (Сиднеј) и 2004 (Атина) бев далеку поискусен и знаев што ме очекува, – рече Маленко.

Во првото и второто учество се натпреваруваше во две дисциплини, додека во третото на мегдан излезе во една дисциплина.

Жално е што во Македонија три олимписки циклуси немаше спортист со А норма. Затоа, со право ќе кажам дека Олимписките игри се користат за туризам, а не за спорт. Нас ни треба врвна стратегија која ќе донесе успех. Не денес или утре, туку за најмалку еден олимписки циклус. Со тоа треба да се почне веднаш, уште денеска, бидејќи секој нов ден и изгубена шанса, – додаде Маленко кој моментално е Претседател на Пливачката федерација на Северна Македонија (ПФСМ).

Покрај Маленко, Охрид како спортски град може да се пофали со уште два свои претставници на Олимписки игри. Во 2008 година во Пекинг дел од македонската експедиција беше Реџеп Селман (атлетика), а во 2016 на Олимпијадата во Рио учествуваше Нина Балабан (стрелаштво).

Олимпијадата во Пекинг беше неверојатно искуство. Комплексот каде што бевме сместени посебно беше изграден за олимпијците, а денеска таму е населено место. Стадионот „Птичјо Гнездо“ беше сензационалена отворањето. Кинезите како домаќините ми се чини дека се надминаа себеси на отворањето и на комплетно на Олимписките игри, – изјави Селман.

На Олимпијадата во Токио, атлетичарот Јован Стојоски ќе настапи како член на АК Охрид, а друштво ќе му прават уште седум спортисти: Миа Блажевска Еминова – пливање 100 м, Борјан Бранковски – спортско стрелаштво 10 м. воздушен пиштол, Дејан Георгиевски – таеквондо +80 кг, Филип Деркоски – пливање 400 м, Пулексенија Јованоска – карате ката, Магомедгаџи Нуров – борење слободен стил 97 кг, -Арбреша Реџепи – џудо – 52 кг.

Мх.П.