Вкупната годишна сума што им се исплатува на 23-та советници на Општина Охрид и претседателот на Советот, изнесува 4,955,160 денари или нешто над 81,200 евра. Ова го покажуваат податоците од најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации, објавени денеска.

Вкупната сума, пак, што годишно се издвојува за сите 1319 советници и претседатели на совети во државата изнесува повеќе од 215 милиони денари или нешто над 3,5 милиони евра. Висината на месечниот надомест зависи од бројот на жители во општината и е определен како процент од просечната плата во земјава. Претседателите добиваат 30 % повисок паушал од советниците. Услов за да се исплати паушалот е во месецот да биде одржана барем една седница.

Најголем месечен паушал од една просечна плата од 24 илјади денари добиваат советниците на Град Скопје, но тие одржуваат и најмногу седници во текот на месецот – 27. Од другите општини, највисоко платени се советниците во Кичево кои земаат 19 илјади денари месечно, а најмалку платени се советниците во Вевчани кои земаат малку помалку од 5 илјади денари месечно. Советниците во Охрид земаат месечен паушал од 16,993 денари,а претседателот на советот има месечен надоместок од 22091 денар.Само 12 општини исплатуваат понизок месечен надомест од законскиот максимум, а 15 општини одат дури и над тој лимит.

Просечно, општинските совети одржувале по 15 седници годишно, колку што изнесува и просекот на охридскиот совет.

Инаку, за да се исплати месечниот паушал на советниците, мора во месецот да биде одржана барем една седница на Советот.

OhridNews