Општинската организација на Социјадемократскиот сојуз на Македонија – СДСМ  денеска изрази  поддршка  на Сојузот на синдикати, кој утре во Охрид ќе одржи протести.

Причината поради која ја даваме нашата безрезервна поддршка за најавениот штрајк е новиот срамен Закон за работни односи, кој претставува најсилен удар врз работничките права истакна партискиот портпарол, Анита Азеска, на прес конференцијата што се одржа во седиштето на општинската организација на СДСМ.

Власта на ВМРО ДПМНЕ одлучи набрзина, без дискусија и полутајно да го донесе досега најлошиот закон кој ги регулира правата на работниците, рече Азеска. Таа посочи повеќе одредби од Законот, кои како што рече се штетни  и на повеќе начини директно го загрозуваат статусот на секој работник во нашата држава.

-Во случај на прогласување на технолошки вишок, работодавачот повеќе нема оганичување од  една година да не вработува друго лице на истата позиција и со истите квалификации, туку тоа може да го стори веќе следниот ден. Тоа отвора простор за целосната партизација на администрацијата, рече Азеска. Таа укажа дека со новиот Закон годишниот одмор ќе биде пократок за најмалку 4 до 5 дена, работникот ќе може да работи во трета смена постојано и без прекин, што е  удар за сите оние кои работат тешка и опасна работа, рече Азеска. Власта, со ваквата регулатива го враќа работникот во 19-тиот век или како што веќе изјавија претставниците на синдикатот, се остава простор за еден вид модерно ропство, додаде општинскиот портпарол на СДСМ. Таа ги посочи мерките што најголемата опозициона партија ги предложи во Собранието за олеснување на се поскапиот живот: Законот за енергетска сиромаштија со кој 50.000 најсиромашни семејства од државата треба да добијат од 700 до 1.000 денари месечна субвенција за да платат дел од својата  сметка за струја и Законот за минимална плата од 8100 денари. Азеска истакна дека СДСМ ќе поднесе и нов Закон за стечајците и најави дека солидарноста со работниците опозицијата  ќе  ја покаже со активна поддршка на утрешниот штрајк.

Ohridnews