Рибарите бараат од надлежните институции, да им се отстапи објектот кој  се наоѓа на  самиот почеток  од каналот Студенчишта, за да направат Аквариум и музеј на риболовните средства од Охридското Езеро.


Во Аквариумот би имало примероци од целокупната флора и фауна на Охридското Езеро. А до аквариумот би биле изложени сите риболовни средства со кои се ловело порано од праисторија до денес како и копија на охридски чун.

– Овој објект за кој сите се оградуваат од сопственост, го користеше Хидробиолошки Завод за сместување на чамци, сега не се користи за никакви цели и само го деградира просторот кај Билјанини извори. На Охрид му е потребен ваков објект за развој на туризмот, а на некој начин ќе одадеме и почит на рибите, кои за жал можеби ќе ги има само тука, а завршиле многу факултети, операции, вработувања и други работи, велат спортските риболовци.


Тие упатија апел до институциите да им го отстапат овој простор „се додека на некому не му текне тука да направи Лесковачка скара“, се вели во соопштението на спортските риболовци, во кое понатаму стои:

“Билјанини извори не наликуваат веќе  на бренд по кој Охрид се препознава насекаде  туку се претворија во „Кич панаѓур“  а платното на Билјана поцрне  и замириса на скара и колбаси. За Билјанини извори мора да се има ново идејно решение за кое ќе има јавна расправа, а не да го преуредува кој како сака. На нашето барање да се дислоцираат Езерската полиција и Центарот за обука на вода како дел од АРМ, добивме одговор од Министерството за одбрана во кое се вели: „ Министерсвото за одбрана како државен орган има свои надлежности и обврски кои произлегуваат од законските прописи на Република Македонија како и активностите и проектите на Владата на Република Македонија“ ????????       

На нашето барање (да се забрани влез на пловни објекти на моторен погон во каналот Студенчишта и тој да добие третман ист како изворите кај Свети Наум, да се отстрани милта од дното и да се продлабочи, брегот од каналот да се уреди и по него да пловат само копии од Охридски чунови) од Владата ни одговорија: „дека нашето барање е разгледано со особено внимание и истото е проследено до надлежните органи со укажување дека писмено треба да бидеме известени“.


По којзнае кој пат  апелираме до надлежните институции под итно, без одлагање, да се преземат мерки со кои ќе се спречи невидениот масакар над целокупната флора и фауна од страна на македонскиот џет сет, затоа што е доцна и во каналот над  седумдесет  проценти  е уништена флората и фауната. Последиците од  нанесената штета  не ќе можеме со десетици  години да ги отстраниме. Веќе е доцна, не треба превентивни мерки ,туку треба проект за  да го реанимираме и каналот Студенчица како  Студенчишкото блато“, стои во соопштението на СРД „Св. Апостол Петар“.

Ohridnews