Изминатиот викенд, на 27 и 28 април, во организација на Македонската риболовна федерација – МРФ, на акумулацијата Тиквешко езеро на патеката Модри Стени, се одржа третото и четвртото коло од Првата риболовна лига на Македонија во дисциплина „ПЛИВКА“ во категории на сениори, У20 и У25. Екипно во сениорска конкуренција шампиони на Македонија за 2024 година се охридските риболовци од екипата на ЗСРСК „Свети Апостол Петар“ од Охрид во состав: Наум Лазаревским, Петар Булески, Марјан Андоноски и капитените Бобан Милошески и Славко Наумоски.
Второто место го освои екипата на “Оскар“ од Кавадарци, а третото екипата на „МАК ДАМ“ од Куманово.
Поединачно во сениорска конкуренција шампион на Македонија за 2024 година е Илија Томов од “Оскар“ Кавадарци, сребрениот медал го освои Петар Булески од „Свети Апостол Петар“ Охрид, а бронзениот медал го освои Влатко Арсовски од „Професионал“ Велес.
Во У20, шампионскиот пехар отпатува за Охрид кај Атанасиј Фанковски од „Свети Апостол Петар“, кој беше најдобар во оваа конкуренција.
Резултати У20 (натпреварувачи до 20 години):
- Шампион на Македонија за 2024 година е Атанасиј Фанковски од „Свети Апостол Петар“ Охрид
- Сребрен медал освои Мише Митев од „Оскар“ Кавадарци
- Бронзата му припадна на Марко Николоски од „Бабуна“ Велес
Резултати У25 (натпреварувачи до 25 години)
- Шампион на Македонија во оваа категорија е Антонио Бошковски од „МАК ДАМ“ Куманово
- Среброто го освои Антонио Еленов од екипата на „Оскар“Кавадарци
- Со бронзен медал се закити Дамјан Арсеновски од „Бабуна“ Велес
Пехарите, медалите и благодарниците на победниците и учесниците им ги додели претседателот на МРФ Васе Ѓорѓевски.
Во Првата македонска лига во дисциплина „ПЛИВКА“ во конкуренција на сениори се натпреваруваа 10 екипи, во конкуренција У20 тринаесет натпреварувачи и во У25 пет натпреварувачи. Натпреварите во сите четири кола од Првата Македонска Лига во пливка поминаа во одлична организација и атмосфера исполнета со спортски дух и добар улов на сите натпреварувачи, информира Македонската риболовна федерација
Натпреварите во дисциплина „ПЛИВКА“ продолжуваат во Супер лига за пласман во Македонска репрезетација за учество на Светско и Европско првенство.
OhridNews