Рибарите од СРК „Св.Апостол Петар“ ја продолжија традицијата и по четврти пат за големиот верски празник Св. Николa се дружеа со старите лица на одделот за геријатрија при општата болница во Охрид.


Уловените риби плашици  од турнирот кој го организира клубот беа исчистени испржени и поделени на старите лица за да се збогати Свети Николската трпеза која не оди без риба. Трпезата беше збогатена и со посно ѓомлезе и овошје.


Рибарите и станарите во геријатрија разменија мислење како се празнувал  Свети Никола порано, а како сега , некулкумина раскажуваа како во млади години кога пловеле за Австралија бродовите се закотвувале и не пловеле овој ден. Во празнична атмосфера се испеа и неколку охридски песни, а првиот снег кој почна да паѓа на овој ден само ја разубави атмосферата и најави нова бериќетна година.


Свети Никола е господар на морињата и заштитник на бродовите , на морнарите и на рибарите, се верува дека Свети Никола ги смирува разбрануваните води и ги заштитува морепловците, на овој ден рибарите не влегуваат во чуновите за да ловат риба.



На денешниот ден се укотвуваат сите бродови и на  православните  и на католичките и на муслиманските морнари. Постојат записи дека на овој ден муслиманите во чест на овој ден како курбан колат крап, велат охридските рибари.


Началничката на Геријатрија  Селим Севим изрази голема благодарнос кон членовите на СРК Св.Апостол Петар затоа што се грижат старите лица да не се чувствуваат осамени и заборавени. Селим истакна  дека многу денови старите  ќе зборуваат меѓу себе како биле подготвени плашиците и ѓомлезето и како тие тоа го правеле на млади години, информираат од СРК „Св. Апостол Петар“.

Ohridnews