Ракометарите на Охрид и Бутел Скопје со меѓусебна пресметка во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе ја комплетираат шестата рунда од Супер лигата. Дербито на колото ќе се одигра во среда, 16-ти октомври, со почеток во 19 часот. „Гладијаторите“, во пресрет на дуелот со Бутел имаат серија од четири победи во суперлигашката конкуренција, додека скопската екипа во мечот влегува после елиминицијата од Купот на ЕХФ.
Двете екипи имаат идентичен скор, а според голманот на Охрид, Јагош Брауновиќ одбраната и голманите ќе го одлучат победникот.
- Утре не очекува тежок натпревар и најинтересна средба што се однесува на досегашните мечеви кои ги одигравме на домашен терен. Бутел Скопје е квалитетна и искусна екипа. За се ова што го спомнав најдобар илустратор е учеството во Купот на ЕХФ и несреќната елиминација. Ние трениравме напорно изминатите десеттина дена, полека ја креваме формата и средбата со Бутел Скопје ќе биде вистински тест за нас и нашите можности. Речиси да негуваме ист стил на игра со цврста и добра игра во одбрана и напад кој во секој момент знае што и како треба да одигра. Мојата и формата на колегата Никола е на високо ниво и знаеме дека со нашите одбрани може да одиграме клучна улога во остварување на целта, а тоа секако е победа. Сакам да ги поканам сите љубители на ракометот и навивачите да дојдат во што поголем број и дербито да го направиме вистински спортски празник во градот Охрид. – изјави црногорскиот голман.
Охриѓани имаа десеттина дена да се подготват за дербито, наспроти Бутел Скопје кој во меѓувреме играше во Купот на ЕХФ. Охрид и Бутел Скопје имаат иста цел а тоа е пласман во плејофот и борба за местата кои водат во Европа.
- Тренираме со полна пареа и максимално подготвени го пречекуваме Бутел Скопје на нашиот терен. Сите мора да бидеме на едно високо ниво од почетокот до крајот на мечот за да стигнеме до победата која многу ќе ни значи во борбата за плејоф. Сега сме далеку подобри од почетокот на сезоната. Сите знаеме што треба да правиме во напад и одбрана, се зближивме уште повеќе и полека заличуваме на она што сакаме да бидеме. Елиминицијата на Бутел Скопје од Купот на ЕХФ нам ништо не ни значи. Како екипа Бутел Скопје е многу добра и не верувам дека нешто ќе им поремети елиминацијата. Ќе биде тврд натпревар, мора да „изгинеме“ во одбрана бидејќи само така ќе постигнуваме лесни голови и ќе внесеме немир кај противникот. – рече хрватскиот ракометар Денис Тот.
Спортскиот директор Горан Недески информираше дека влезници ќе се продаваат на билетарата од СРЦ „Билјанини Извори“ и ќе чинат 50 денари. Натпреварот почнува во 19 часот.
Мх.П.