Ракометниот клуб Охрид претпоследниот натпревар во регуларниот дел од Супер лигата ќе го одигра против Еурофарм Работник на домашен терен среда со почеток во 19 часот. Охридските ракометари математички се` уште имаат шанси за пласман во плејофот, а за задржување на истите потребна е победа на утрешниот натпревар.

Не очекува натпревар со најдобрата екипа во регуларниот дел од Супер лигата. Се додека имаме шанси за пласман плејофот ќе се бориме и нема да се предадеме. Екипата тренира, подготвена е за максимум и само така можеме да се надеваме на позитивен резултат. Жално ќе биде ако се предадеме, бидејќи „Рибарите“ и публиката која доаѓа не го заслужува тоа. – изјави голманот Јагош Брауновиќ.

 

Охрид на дуелот со Еурофарм Работник ќе настапи без бекот Дарко Георгиевски кој спогодбено го раскина договорот со клубот и пивотменот Иван Тасески кој се уште ја нема залечено повредата на раката добиена на дербито со Струга.

Ќе биде тешко секако, а без двајца ракометари уште потешко. Еурофарм Работник е ултра квалитетна екипа, а наша задача ќе биде да изиграме најдобро што можеме и да се надеваме на позитивен резултат. Нашиот противник е голем фаворит, но чуда се случуваат во ракометот. – додаде Борче Соколов.

Во рамките од 17-та рунда во Супер лигата покрај дуелот Охрид – Еурофарм Работник ќе се одиграат уште Струга – Пролет, Прилеп – Пелистер, Радовиш – Бутел Скопје односн Вардар Јуниор – Борец.

OhridNews