Десеттина сопственици на мали бизниси и произведувачи на органска автентична храна од охридскиот регион денеска одржаа основачко собрание на конвивиумот „Слоу Фуд Охрид“, како организација со основна цел почитување на традицијата, културните вредности и биодиверзитетот.
Конвивиумот „Слоу Фуд“ е активност насочена кон спречување на се поголемата глобална хомогенизација на одредени производи, со особен нагласок на одбрана на традиционалната храна и локалните прехранбени продукти пред напливот на унифицирани производи и едноличноста во понудата.
Сите истражувања покажуваат дека Охрид како туристички град нема соодветна понуда на традицонална храна, со локални продукти и производи што би биле бренд, а ги поседува само не се доволно експонирани. Втора цел е промоција и поддршка на локални производители, преку регистар со опис на дејноста. Преку промоција на нивните активности и вмрежување тие ќе можат помоќно да настапат на пазарот – преку нивна поврзаност со локалните угостители и пласман за нивни производи, појасни Ангела Паскуале, професор д-р по гастрономија.
Слоу Фуд“ движењето и ораганизацијата почна во Италија, кога во Рим во непосредна близина на Фонтана ди Треви беше отворен ресторан за брза храна, што наиде на остри реакции кај локалното население и домашните производители на храна. Нивната активност почна како движење за одбрана на локалните вкусови и продукти по кои италијанската кујна е препознатлива во светот.
Во Македонија веќе постојат десет „Слоу Фуд“ конвивиуми. Седумнаесет ресторани во земјата веќе се дел на конвивиумот „Слоу Фуд Гостилници“, со предуслов 70 отсто вкупната нивна понуда на храна на самото мени да биде од сопствено производство, со продукти типични, карактеристични за односниот микро-регион.
Првична активност на „Слоу Фуд Охрид“ ќе биде нивно вмрежување со локалните угостители, а подоцна е и нивно вклучување во светскиот конвивиум „Тера Мадре“ каде и официјално се регистрираат вкусовите од целиот свет.
Од Македонија досега четири производи се дел од светската листа вкусови, меѓу кои слаткото од диви смокви, буковската пипер, сирењето од Галичко-реканскиот крај и медот од автохтоната пчела.
OhridNews