Роденеденот на „Охридњуз“ заеднички го прославуваме и со портпаролите, нашите колеги со кои секојдневно, ако не повеќе, барем еднаш во текот на денот се слушаме за да дознаеме што се случува во нивните партии и институции.

Никола Маневски, задолжен за односи со јавност во Општина Охрид кој долги години пливаше и во новинарските води, посакувајќи ни уште успеси, ни изјави:

„Како граѓанин, се чувствувам среќен што сум современик на раѓањето и успешното опстојување на “Охридњуз”. Како професионаец и долгогодишен новинар-Ви ја изразувам багодарноста што со својата професионалност, објективност и навременост-ми ја вративте вербата во убавината на една одговорна и макотрпна професија.

Како општественик и јавен работник- Ви упатувам  честитки што успеавте во овие две години и покрај сите премрежувања во општеството, достојно да го афирмирате Охрид со сите негови убавини, слабости и пропусти, а во основа на сето тоа Ви била добронамерноста односно благородноста на професијата“.

Кон честитките до нас, се приклучи и Секторот за внатрешни работи од Охрид. Портпаролот, Стефан Димоски вели дека „Охридњуз“ како прв локален електронски весник ја најави ерата на интернет порталите во информирањето и внесе свежина во медиумскиот простор, наметнувајќи се  како исклучително сериозна медиумска куќа со автентичен пристап кон објективното и професионалното новинарство.

„Денес, „Охридњуз“ е релевантен медиум каде читателите добиваат  навремена, објективна и непристрасна информација за сите актуелности во Охрид, регионот и пошироко. Во тој контекст, особено го потенцираме доследното информирање на „Охридњуз“ за сите активности кои во борбата против криминалот, одржувањето на општествениот поредок и заштитата на човековите права и слободи ги презема СВР Охрид“, вели портпаролот Стефан Димоски.

Наташа Спасеска, раководителка на Центарот за комуникации во општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ по повод нашиот втор роденден изјави:

„Младиот тим, со голема посветеност, ентузијазам и висок степен на професионализам во своето работење, внесе нов имиџ и ги прошири хоризонтите во сферата на јавното информирање во Охрид.

“Охридњуз” секогаш е во чекор со новите настани и случувања како на локално така и на национално ниво и ги прави истите достапни во било кое време и на било кое место за читателите. Порталот нуди содржини за сечиј вкус со што успева да го привлече но и да го задржи нашето внимание. Особено е за значајно да се потенцира објективноста и непристрасноста на овој медиум кој многу внимателно и коректно ги следи и проследува информациите до јавноста со што дава огромен придонес во подигнување на нивото на професионалност во сферата на јавното информирање во Охрид“.

Портпаролката на општинската организација на СДСМ, Анита Азеска вели дека во целокупниот живот на Охрид одамна му недостасуваше  портал од типот и форматот на „Охридњуз“.

„Со вашиот начин на активност и делување, со вашиот однос кон заедницата и општеството, недвосмислено покажавте дека демократскиот и севкупниот развој можат да се движат напред само низ една поширока општествена акција, суштински потенцирајќи ги некои од универзалните човечки и цивилизациски вредности. Почетните чекори низ кои поминавте, а поминавте доста храбро и успешно, охриѓани знаат да ги ценат и почитуваат, со што се отвора простор во иднина вашето релевантно место во охридските случувања да го продлабочите и да се развивате се повеќе на задоволство на сите“, вели Азеска.

А.Р.